Запознај ја Македонија

Сподели:

cimg3746Една од најзначајните програми која се реализира од самото основање на Детката Амбасада е програмата за запознавање на сопствената држава Република Македонија, со сето свое културно-историско и природно национално богатство.

Оваа програма цели кон остварување на задачите за едукација и запознавање на децата со музејските постави, историски значајните објекти, културните обележја и се она што е карактеристично за многувековната наша историја, негуваната вековна култура и традиција и нашите аспиративни национални намери кон глобалното и Европското семејство (ЕУ).

Целта на оваа програма е правилната насока, почитувањето и вреднувањето на културата, историјата и традицијата на државата од страна на децата, што пак се од големо значење за правилен психофизички развој на децата и нивно имплементирање во демократското општество и основните демократски принципи.

Оваа програма ги има опфатено посетите на многу природно-научни и историски музеи ширум републиката, тврдини, цркви и манастири, џамии, зоолошки градини, национални паркови, Собранието и Владата на Република Македонија, МАНУ, водопадите во Колешино и Смоларските водопади, топлите бањи во Струмица и Дебар, опсерваторијата Кокино, Куклишката долина кај Кратово, Галичка свадба, и многу други знаменитости, домови на културата, меѓународни и домашни музички фестивали и научни институции.

До сега во оваа програма дирекно учествувале повеќе од 10.000 деца, од различни целни групи, од сите краеви на Република Македонија.

Со програмата се опфатени знаменитостите во и околу: Прилеп, Скопје, Битола, Струмица, Охрид, Струга, Дебар, Тетово, Крива Паланка, Кратово, Крушево, Штип, Радовиш, Кавадарци, Неготино, Велес, и многу други помали населени места.

Многу значаен момент во овие активности и својот примат го има едукацијата на децата во остварувањето на целите на програмата, која до сега скоро 17 години се реализира 4-6 пати годишно на различни дестинации со деца од различни целни групи.

Во реализацијата на ваквите намери се вклучени голем број на хуманисти, но и естрадни уметници, на кои Детската Амбасада за Сите Деца во Светот им доделува Благодарница за нивниот посебен придонес во градењето на хуманистичкото општество.