Центар за дипломатија

Сподели:

activity1

Центарот за дипломатија на Детската Амбасада за Сите Деца во Светот ја претставува меѓународната позиција на организацијата. Основан е во 2002 година, со поддршка на Претседателот на Република Македонија Г-дин Борис Трајкоски и Министерот за надворешни работи, Г-ѓа Илинка Митрева.

Денес Центарот за дипломатија ја координира работата на 7 конзуларно-дипломатски претставништва ширум светот на ниво на Детски Генералн Конзулат, и тоа во: Берлин, СР Германија; Ријека (Задар), Р. Хрватска; Малме, К. Шветска; Манила, Р. Филипини; Сиетел, САД; Истанбул, Р. Турција и Мелбурн, Комонвелт на Австралија. Во подготвителни мисии се: Љубљана, Р. Словенија, кој ќе покрива и Ватикан (Светата Столица); Белград, Р. Србија и Софија, Р. Бугарија.

Центарот за дипломатија во своите надлежности ја има и регистрацијата и надзорот на Дипломатскиот кор на Детската Амбасада.

Значајна активност која ја одбележува неговата практична работа е реализацијата на програмата „Градиме мостови на пријателство“ во која до денес повеќе од 500 деца се вклучени во посетата на пријателските земји и соработка со децата од народите. До сега се посетени: Република Србија, Република Грција, Република Хрватска, Република Турција и Државата Израел.

Посебно значајна активност е дружењето на децата на загинатите бранители од Република Македонија и Република Србија и Црна Гора, кога децата од Србија и Црна Гора ги поминаа државните граници на двете земји само со ученички легитимации под мотото: „Каде што почнува светот со граници, таму завршува нашето детство“. Остварени се и други возвратни посети а нашите програми секогаш се поамбициозни од буџетските можности за реализација на вака значајните меѓународни активности.

Целта на ваквите активности е промовирање на традиционалните вредности на демократијата за добрососедство и пријателство, на обострано почитување, со запознавање на традициите, културата и историјата на државите преку посета на историско-културните знаменитости.