Денес по 7-ми пат се организира Новогодишната програма насловена „Новогодишна забава“ во која децата членови на Детската Амбасада За Сите Деца во Светот низ работилниците во Детскиот Едукативен Центар „4-ти Јули“ и драмската секција од СОУ„Орде Чопела“ под менторство на професор Анита Бунеска, ја подготвуваат програмата за децата со посебни потреби кои се вклучени во образованието, во нашиот град тоа се децата од посебните паралелки на ООУ „Климент Охридски“ од Прилеп.
Оваа програма ја организира Детската Амбасада за Сите Деца во Светот во соработка со драмската секција од СОУ „Орде Чопела“ под менторство на професор Анита Бунеска и ООУ „Климент Охридски“ од Прилеп, а учество земаат педесетина деца од овие паралелки, а традиционално низ сите овие 7 години оваа активност е поддржана од ДЕ-НИ ’93 од Прилеп и хотелот Кристал Палас.
Програмата содржи забавна програма од јазичните работилници по англиски, германски, италијански и шпански јазик, како и презентации на драмите „Царевото ново одело“ од Ханс Кристијан Андерсен, каде Детската Амбасада за прв пат оваа година зеде учество во интернационалниот проект „Ноќ со Андерсен“, „Крал Марко“ од драмската секција од СОУ„Орде Чопела“, како и песнички од децата од посебните паралелки во ООУ„Климент Охридски“, со цел да им ги разубави празничните денови на овие деца кои се дел од нашето големо семејство.
Новогодишната програма е од хуманитарен карактер, промовираќи ги вредностите на еднаквост во општеството. Основна цел, преку почитување на човековите права и воопшто правата на детето, е промоцијата на еднаквоста во општеството на сите деца.